About Me

Се викам Велика Џангаловска Гатсис и родена сум на 14.12.56 година во стариот дел на градот Скопје, во така нареченото Ново Мало. Основното образование го започнав во училиштето, 11 Октомври, па поради скопскиот земјотрес, бев принудена да сменам други две, како што беше училиштето во селото Лисиче, за подоцна да го завршам учењето во населбата Лисиче.  Средното хемиското училиште го завршив во, Марија Кири Складовска,, исто така во населбата Лисиче, насока чиста хемија.

На дваесет и седум години, после мојот прв неуспешен брак, дојдов во Австралија каде сеуште живеам со мојот втор сопруг. Мајка сум на четири деца и баба на пет внучиња.

Од мала многу сакав да читам книги од домашна и странска литаратура, па од таму имам и голема желба да пишувам проза и поезија. Потикната од мојот сопруг Христос Гатсис, во 2013 год. започнав да го пишувам мојот прв роман, Во Потрага За Белиот Леб, во кој го осликувам тешкиот и мачен живот на нашиот македонец, кој за подобра иднина си го остава своето родно огниште и заминува на печалба во тугина. 

Многу мина имаат желба да сликаат, ама не можат да бидат како Пикасо, има некои сакаат да пеат песни, ама не мошат да бидат како Френк Синатра, или да пишуваат романи ама ни од блиску неможат да се споредат со Стивен Кинг. Доволно е да се има желба да се проба и да се истрае во намерите кои ги имаат, а една од тие сум и јас, па им посакувам на сите кои се носат со такви идеи, желбите да им се остварат, покажувајќи си самите себеси а и на околината дека никој пат не е касно да се проба и направи нешто добро и корисно.

Мојата проза и поезија ја пишувам на правилен македонски јазик, сакајќи на овој начин да го зачувам тоа кое го имаме ние македонците од памти век, а тоа е мајчиниот јазик. Во исто време преку читањето да се учат младите на македонски литературен јазик, кој е многу богат со разни дијалекти.

Во моите романи темата е насилството кое се прави врз жените и децата, затоа што и јас бев жртва на семејно насилство во мојот прв брак. Сум против било каков вид на насилство кое се врши врз било кој и го осудувам начинот на кое тоа се прави, затоа што мислам дека никој не заслужува да биде повредуван на било каков начин. Светот е создаден за луѓето да живеат во мир и спокој, и секој еден кој покажува и употребува сила, всушност дава до знаење дека неговиот карактер е слаб и болен.